На 26 април 2024 год. во Café Literatura во Дајмонд мол, се одржа деветтиот по ред џез концерт од првиот серијал најквалитетни музички настани со врвни музички уметници во организација на радио „Џез ФМ“ и „Литература МК“, кои се одвиваа во текот на февруари, март и април 2024 година.
Членовите на џез квартетот Skopje Jazz Inc. ја претставија музиката од студискиот албум Incorporated издаден во 2022 година на кој композитор и аранжер на четири инструментални композиции е трубачот Трајче Велков, додека на останатите три- гитаристот Зоран Костадиновски. Обајцата професионални џез музичари, Велков и Костадиновски кажаа дека албумот е производ на петгодишно музицирање- период доволен за заедничко истражување и работа врз музичкиот материјал, што се слушна и на вечерашниот концерт. Во состав на бендот свират и Мартин Јосифовски на бас гитара и Виктор Филиповски на тапани.
Албумот на Skopje Jazz inc.- Incorporated (2022) односно седум од осумте изведени џез композиции вечерва се детерминирани од звучноста на базичните музички расположенија на авторите, тие се со доминанта major тоналност изразена преку мелодиите на темите, солата и хармонските прогресии.
Прва композиција изведена на џез концертот беше The miller man на Зоран Костадиновски- музичка импресија инспирирана од визуелната слика на неговиот син, маскиран во воденичар. Со музички изразни средства- едноставна хармонска прогресија на која трубата ја носи темата а потоа заедно со гитарата тонски сликаат колоритни делници започна концертот полн со музички симболизам и аналогија на детските игриви изразувања.
Втората Leenah’s song замислена од Трајче Велков како приспивна песна за неговата ќерка Лина, Skopje Jazz inc. ја интерпретираа како подвижна и музички активна диверзија. Мелодијата на впечатливата пентатонска двојна тема на труба и гитара започнува во кварти и понатаму се развива со помош на чисти, јасни и прецизно отсвирени гитарски и басови мелодии на исто како и претходно- едноставна и приемчива хармонска прогресија.
Трета композиција во првиот стимулирачки танцов сет Hank the tank не е студиски снимена на албумот, таа е фанки боп посветена на Хенк Мобли (Hank Mobley), еден од највлијателните џез композитори во историјата на џезот и е стилски слична на американските џез композиции од периодот на 1960-70-тите години на XX век. Концертот се развиваше кон музички и содржински побогати композиции што се слушна во начинот на структурирањето на темите, солата и хармонските прогресии.
Насловот на You&I од Зоран Костадиновски асоцира на романтична тематика, но композицијата е музичка нарација на соизведувачи кои имаат култура и навика за софистицирано изразување, сослушување и дослушување на различноста, озвучено на места и преку употреба на полиритмија. Во триделен метар прекрасната воздржана тројна тема отсвирена од Велков, Костадиновски и Јосифовски преминува во солистички интерперсонални раскажувања за музичката идеја во кои особено истакнато соло од повисок степен кое ги надгради можностите на бас гитарата интерпретираше Мартин Јосифовски.
Тоа што освојува слушајќи ги композициите од Skopje Jazz inc. е најизразено во композицијата You&I – секоја тема е грижливо обмислена широка целина од помали музички впечатливи целини кои содржат оптимален потенцијал за соло музичко креирање на развојот од страна на музичарите, така што и после доволното исцрпување на овој потенцијал слушателот има чувство на исчекување, задржан интерес и вчуденост за траењето на времето кое брзо поминува.
The professional од Зоран Костадиновски беше најдолгата од сите долги композиции. Со фанк бас риф и интро од труба тринаесет минутната The professional внесе атрактивна двојна (труба-гитара) фанк тема по која следеа долги и разработени сола најпрво од Костадиновски кој со јасна претстава за инструментот демонстрираше висока прецизност во артикулирање на движечката музичка идеја, а потоа и од трубата на Велков како и бас гитарата на Јосифовски.
RH-CH од Трајче Велков со интро од тапанарот Филиповски е синкопирано продолжување на движењето од The professional со напредок на расположението кон ведрина и безгрижност претставени во хумор-темата и виртуозните сола на Велков и Костадиновски како и во изразните инвентивни сола на Виктор Филиповски.
To repentance од Трајче Велков е оптимистична балада во која придушената тема и солата на труба асоцираа на радосни животни моменти, спомени и мечтаења кои Костадиновски и останатите музичари со задоволство ги превземаа и развија понатаму како сопствени.
Uncle Zo, run! е брза и шеговита фанки илустрација на карактерот на Зоран Костадиновски кој според перцепцијата на Велков секогаш ги релативизирал неговите музички „грешки“ и со наклоност на вистински другар ги оправдувал како модерни. По груви интрото трубата зададе кратка осцилирачка тема а Костадиновски, Јосифовски и Филиповски ја напуштија воздржаноста и сосредоточеноста по што со слободни импровизации ја засилија динамиката на песната и го финишираа концертот со висока свиречка кондиција.
Во целина музиката на Skopje Jazz inc. е зрел музички производ со јасна структурна форма на композициите, заеднички (major-дур) уметнички сензибилитет на авторите и поделба на изведувачките улоги што го става Трајче Велков на труба во улога на лидер, Зоран Костадиновски на гитара како ко-лидер, во соработка со членовите на ритам секцијата- Мартин Јосифовски на бас гитара и Виктор Филиповски на тапани.
Џез композициите на Skopje Jazz inc. се одликуваат со висок квалитет во сите сегменти од создавањето и изведбата што е предуслов за нивна промоција и дистрибуција и во пошироки рамки. Ваквите музички творци и бендови би биле послободни и попродуктивни доколку за соработници имаат лица и институции кои би се грижеле за трасирање на натамошниот пат на квалитетните џез музички дела до слушателите, овозможувајќи им ниво на уживање кое тие го заслужуваат.
Д.С.