Uncategorized

Фред Весли во Скопје: „Ако знаеш џез, знаеш сè.“

today02/03/2026 13

Background
share close

На 29-ти февруари, во Скопје, легендарниот тромбонист Фред Весли настапи со своето трио, носејќи ѝ на публиката незаборавна вечер исполнета со енергични фанк и џез ритми. Дел од неговото трио беа музичарите Тони Меч на тапани и Леонардо Корати на оргуљи. Пред концертот, имавме можност да разговараме за неговите почетоци во Алабама, за соработката со Џејмс Браун, за неговата љубов кон би-бапот и важноста на блузот како основа на сè.

 

Во продолжение, прочитајте го краткото интервју.

 

Дарко Марковски : Навистина е чест што сте со нас на Џез ФМ радио. Добредојдовте во Скопје, добредојдовте во Македонија. Ви благодарам за вашата посета и за вашиот настап вечерва.

Фред Весли: Мило ми е што сум во Скопје! Ова ми е втор пат тука, а првиот пат беше одлично. Сигурен сум дека и вториот пат ќе биде исто.

Мислев дека бевте со Џејмс Браун на концертот во средината на 90-тите, но потоа сфатив дека вашата кариера со него беше во текот на 60-тите и 70-тите години. Значи, во 1975-та го напуштивте?

Да, го напуштив тогаш засекогаш. Се враќав за по некој краток настап тука и таму, но тоа беше завршена приказна.

Минатиот месец свиревте во „Ronnie Scott’s“, легендарниот клуб во Лондон. Можете ли да го споредите тоа со вечерашниот настап и што може нашата публика да очекува од концертот во Скопје? Дали ќе биде слично или нешто поинакво?

Во споредба со „Ronnie Scott’s“, ќе биде нешто поинакво. Таму бев со целиот мој бенд — „The New JBs“, седум члена. Имавме дувачи, два трубачи, бас гитара и тапани. Но овој пат, настапувам само како трио: јас, Тони Меч на тапани и Леонардо Корати на оргуљи. Така што, ќе биде малку поинаку. Ќе свириме малку џез, малку фанк и убаво ќе си поминеме.

Пораснавте во музичко семејство. Гледајќи наназад, што мислите, како таа средина го обликуваше вашиот пат? Кои се вашите најрани спомени и кои моменти од кариерата ги сметате за вистинска пресвртница?

Па, знаете, немав никаков сомнеж за тоа што ќе бидам. Додека растев, знаев дека ќе бидам музичар. Татко ми беше музичар; тој имаше бенд и јас свирев во неговиот бенд. Свирев и во бендовите на пријателите на татко ми насекаде низ градот во Мобил, Алабама, каде што сум роден. Така што, немав момент кога морав да размислувам што ќе правам. Знаев што ќе правам.

Прочитав во едно претходно интервју дека имало момент кога сте го сметале приклучувањето кон бендот на Џејмс Браун како обична работа.

О, јас не сакав да му се приклучам на бендот на Џејмс Браун. Тоа беше нешто што ми дојде од страна. Јас бев би-бап џез музичар; тоа сакав да бидам. Но, Џејмс Браун дојде и ми даде понуда. Свирев со него некое време, но сè уште сакав да бидам би-бап музичар. И денес сè уште сакам да бидам би-бап музичар!

Го сметате џезот за високо ниво во споредба со другите музички жанрови?

Тоа го сметам за тешката работа. Мораш да вежбаш и да учиш, но овие другите работи ги правам некако природно. Верувам дека основната подлога за целата соул музика е блузот. Блузот и џезот. Блузот беше основата што ја научив во Мобил, Алабама, но научив како да свирам џез преку учењето како да свирам блуз. И научив како да свирам фанк преку учењето како да свирам џез. Од блуз, до џез, до фанк — сето тоа е исто. Ако знаеш џез, знаеш сè.

Вашиот тромбон има многу карактеристичен, уникатен квалитет и звук. Како го развивте вашиот звук? Колку е важно за еден инструменталист да има личен звучен потпис? Дали е тоа вежбањето или слушањето на легендарните џез музичари? Која е тајната?

Сето тоа. Напорна работа, свирење со различни музичари во тоа време и вежбање. Вежбањето е многу важно. Мораш да го правиш тоа што го сакаш одново и одново додека не го погодиш како што треба. Но, сите основи доаѓаат од блузот и од фанкот, и како што го развивате сето тоа, вашиот џез ќе дојде со вежбањето. Колку повеќе вежбаш, толку подобро можеш да свириш. Би-бапот е мојата крајна цел, и да го свирам би-бапот добро е врвното достигнување за мене.

Во џез и фанк музиката, импровизацијата е клучна. Како балансирате помеѓу слободата и структурата, особено кога публиката очекува некои класични звуци и хитови на Фред Весли?

Одредени композиции, како онаа што ја имам наречено „For the Elders“, се обидувам во нив да вметнам сè што сум научил од постарите — од луѓето што сум ги слушал. Песната што ќе ја свириме вечерва, наречена „The Slide Man“, е развиена од блуз аспект, но сè е испреплетено едно со друго. Се трудам да ги инкорпорирам сите тие вежби, блузот и фанкот во една целина кога пишувам музика за себе.

Сте воделе групи како „JBs“, „The Horny Horns“, како и многу џез проекти. Како се менува вашиот лидерски пристап во зависност од музичкиот контекст?

Како што реков, комбинацијата на сите тие елементи е резултат на многу вежбање за мене. Се трудам да го вложам во тоа сето она што сум го научил.

Вашето свирење тромбон е семплувано и славено во многу жанрови, како хип-хоп и хаус музиката. Кога младите уметници денес ја реинтерпретираат вашата работа, како се чувствувате во врска со тоа?

Се чувствувам навистина добро. Јас учев од други луѓе, од моите претходници. Сега кога јас сум меѓу постарите, тие учат од мене. Тие го семплуваат мојот звук, а јас го семплував нивниот звук. Тоа е само една константна прогресија. Кој знае каде ќе заврши музиката.

По децении на сцената, што Ве движи денес? Дали е тоа истражувањето на нови музички идеи, поврзувањето со публиката или нешто подлабоко?

Сè од наведеното! (смеење) Особено уживам во уметниците — оние што се сè уште живи и новите што штотуку пристапуваат кон оваа музика. Да ги направам нив среќни ме прави и мене среќен.

Немам повеќе прашања, господине. Дали имате нешто да додадете или некоја порака до нашата публика?

Јас немам повеќе одговори! Само би сакал сите да дојдат и да уживаат во музиката. Без разлика дали е фанк, џез или блуз, само дојдете и уживајте во музиката таква каква што е.

Written by: jazz fm