play_arrow
Jazz FM Jazz FM 100.8
play_arrow
Jazz FM Jazz FM 100.8
play_arrow
Funk Soul Brother Funk Soul Brother - Jazz FM
play_arrow
Jazz FM Grooves – No Ads Jazz FM Grooves

На 3ти декември, во скопскиот локал „Јазбина”, пијанистот Ден Коста настапи со својот квартет, носејќи ѝ на публиката динамична вечер исполнета со современи џез звуци. Дел од квартетот беа словенските музичари Лука Дебелич, Гај Бостич и Тјан Шостарич. Пред концертот, Ден Коста, го посети нашето студио и преку разговор со Јасна, ни раскажа повеќе за неговиот последен албум, за соработката со Ермето Паскоал, за животните и многу други теми.
Во продолжение, прочитајте го краткото интервју.
Јасна: Вашата музика беше опишана како порака на љубов и меѓукултурна комуникација. Како ја гледате улогата на музиката во поврзувањето на различните култури?
Д.К.: Па, мислам дека музиката е универзална уметничка форма, во смисла што многу различни култури ја користат музиката како начин да ги искажат своите различни емоционални и интелектуални состојби. Во тој поглед, музиката функционира како сврзувачка сила, не само во рамки на одредени култури, туку и меѓу различни општества и различни начини на живот, различни генерации. И ова многу се гледа во џезот, на пример, каде музичари од различни генерации соработуваат. Мислам дека ова е прекрасно и сведочи за тој специфичен аспект на музиката – идејата за обединување на луѓето. И, секако, ова ја одразува заедничката култура на различни општества и култури, како што зборувавме, на пример, за Балканот кој е обединет со заеднички музички стилови. Така што музиката ги одразува овие различни историски моменти и историски врски.
Јасна: Во вашиот албум „Beams” , снимен во Њујорк со музичари како Џон Патитучи и Ермето Паскоал, зборувате за светлината во физички и метафизички форми и за употребата на хармонски бои за изразување животни искуства. Можете ли да ни кажете како природата и животните искуства влијаат на процесот на компонирање?
Д.К.: Па, не само во овој албум, туку и во мојот прв албум „Suite Tres Rios”, снимен во Бразил, многу композиции беа музички инспирирани од бразилски ритми, но и од одредени места кои ги посетив. А во случајот со „Beams”, причината зошто зборувам за светлина во физички и метафизички форми е затоа што ја гледаме светлината како симбол на нешто што ги прави работите уникатни, што ги прави да светат, да бидат посебни. И така, не само физичка светлина, туку и метафизичка, во смисла дека им дава суштина на работите. Во овој албум има неколку различни нешта, заеднички за многу општества, кои одат подалеку од човечката култура. Растенијата, животните, и тие се, се разбира, физички елементи но, и тие исто така имаат метафизичка светлина. И така, во албумот има композиции поврзани со концепти како слобода, контемплација, нешта кои го прават животот посебен.
Јасна: Вашата композиција „Pawprints” се смета за глас на безгласните и беше искористена за поддршка на благосостојбата на животните. Колку е важна музиката за вас како алатка за социјални или етички пораки?
Д.К.: Се разбира. И примерот што го дадовте е одличен. Бев изненаден минатата година во Австралија кога „Four Paws”, глобална организација за заштита на животните, ја искористи оваа композиција, која првично беше инспирирана од пријателство со едно куче на грчки остров. Тие ја користеа за подигнување свест за почитување на животните. И знам дека во Скопје, на пример, има многу бездомни кучиња, па затоа разбирам зошто ова Ви беше интересно. Но има и други важни теми на кои сум се фокусирал во мојата музика. Во 2020, кога започна војната во Украина, повторно снимав едно дело што го напишав на островот Парос, „Iremia”, што значи „мир“ на грчки. Го снимив со Ренди Брекер како порака за мир. И со големиот бразилски пејач Иван Линс ја снимив неговата композиција „Love Dance” како порака за љубов. Мислам дека музиката е одлична алатка да нè потсети на овие аспекти на животот.
Јасна: Навистина убава порака. Па, што мислите? Кој е најголемиот проблем во светот денес? Зборуваме за животни, за етички прашања… Што мислите дека човештвото треба да направи за да најде пат кон мир?
Д.К.: Мислам дека, иако за многу луѓе ова е важен дел од нивниот идентитет, кога луѓето се ограничуваат во рамки на одредена група, како националност, тоа носи последици, дистанца од другите групи. Разбирам дека тоа е дел од идентитетот, но за некој што е „мешан“, како мене, ова може да биде предизвик. Луѓето често прашуваат: „Oд каде си?“ и секогаш морам да објаснувам. За некои луѓе е чудно да имаш повеќе националности, родители од различни земји и да растеш во различни земји. За некои ова е утопија. Разбирам. Не би го нарекол проблем, но би рекол дека предизвик е надминувањето на стигмите поврзани со потеклото.
Јасна: Сега малку за музиката. Кажете ни нешто за процесот на снимање на „Beams”.
Д.К.: Како и многу мои соработки, најголем дел се реализирани така што едноставно им пишав мејл на музичарите. Беше одлично да снимам со нив, затоа што беше спонтано, иако ова не е фри-џез. Композициите имаат мелодии, но имаат и многу силни спонтани елементи, не само затоа што ги контактирав спонтано, туку и во самото снимање. Имаше многу интеракција со Џон Патитучи, со тапанарот Полињо Висенте од Бразил. Имаше и гостувања од Дејв Либман, бразилската пејачка Ани Бокато, Мајк Стерн, Ермето Паскоал, кој за жал почина оваа година, но вистински волшебник, како што го нарекуваа. Дури и Мајлс Дејвис го сметаше за еден од најголемите музичари. Албумот беше снимeн речиси за еден ден. Тоа ја нагласува суштината на џезот, моменталната искра, нешто што можеби никогаш нема да се повтори на ист начин.
Јасна: Каква беше Вашата соработка со Ермето Паскоал?
Д.К.: Многу убава. Интересно е дека композицијата „Então”, во која соработувавме, беше инспирирана од еден негов соло настап. Тој ја сними својата делница во Бразил, а не во Њујорк, и користеше чаша вода за снимање – еден од неговите заштитни знаци. Тој користеше разни предмети за да создава музика, неверојатно креативен. Самоук е, и покажува дека можеш да создадеш музика од било што, од звуците на природата. Има дури и видеа како создава музика во езеро во Бразил. Композицијата „Então” е поврзана со руралниот аспект на животот. Во „Beams” има две композиции со оваа тема, една за градот, „Sparks of Motion”, снимена со Мајк Стерн, и „Então”, за руралното, со Паскоал. Насловот е интересен затоа што „então” на португалски има повеќе значења, може да изрази изненадување, потврда, согласност. Сумира многу од разновидноста на руралниот живот. Луѓето таму умеат да направат многу со малку.
Јасна: Бидејќи зборувате осум јазици, дали мислите дека јазикот има врска со музиката? И дали тоа што зборувате многу јазици влијае на вашето компонирање?
Д.К.: Да, и мислам дека музиката е уште еден јазик. Многумина го велат тоа. Повеќето мои композиции се инструментални, само една користи природен јазик, португалски, во мојот прв албум со Лејла Пињеиро, голема босанова пејачка. Но јазикот е важен кога станува збор за инспирацијата, за именувањето на композициите. Луѓето често ме прашуваат како можам, гледајќи пејзаж, да создадам музика. За да го објаснам тој процес, морам да користам јазик. Именувањето на композициите е голема работа, како „Então”, или „Iremia”, што значи мир, бидејќи грчкиот има повеќе зборови за мир, а јас го одбрав токму тој. Така што јазикот игра важна улога.
Јасна: Дали имате порака за младите во Македонија?
Да. Продолжете да ја слушате и да ја свирите музиката што ја сакате. Многу е важно. Не само да свирите нешто затоа што мислите дека ќе ве направи подобри или попривлечни. Тоа е важно, секако, но на крајот најважно е да свирите нешто што навистина го сакате. Публиката го чувствува тоа. Ако сте страствени, тоа се пренесува. Ако само свирите нешто како вежба, тоа ќе ви помогне технички, што исто така е важно, но на крајот ние сме „души што чекорат“. Затоа мислам дека ова е важно.
Во продолжение, слушнете го во целост интервјуто на англиски јазик.
play_arrow
Светлина, природа и слобода: Разговор со пијанистот Ден Коста jazz fm
Written by: jazz fm
Copyright Jazz FM 100.8