Емисија

Миа Ѓаконовски: Џезот секогаш ќе биде дел од сè што правам

today02/06/2026 15

Background
share close

Македонската независна музичарка, пејачка и продуцентка Миа Ѓаконовски, која живее и работи во Берлин, деновиве престојуваше во Скопје каде што настапи заедно со гитаристот Филип Динев. За време на посетата беше гостинка на Џез ФМ Радио, каде што разговаравме за нејзиниот музички пат, животот во Берлин и актуелните творечки проекти.

Миа е внука на легендарниот македонски композитор и аранжер Драган Ѓаконовски – Шпато и ќерка на музичарот и контрабасист Мартин Ѓаконовски.

 

 

 

Дарко Марковски: „Миа, родена си во Келн, денес живееш во Берлин. Која е причината да го избереш тој град? Те привлече сцената во Берлин, музиката, луѓето или сплет на околности?“

Миа Ѓаконовски: „Се преселив во Берлин прилично спонтано во 2019 година, бидејќи бев примена на подготвителен курс за џез. Пред тоа никогаш немав идеја да се преселам во Берлин, но воопшто не жалам. Сега го сакам Берлин. Мислам дека толку многу ми се допаѓа, затоа што можеш едноставно да бидеш кој сакаш да бидеш. Можеш да го правиш тоа што сакаш да го правиш. Таму има навистина голема џез сцена, одлични музичари и многу места и клубови каде што може да се свири. Така што има многу можности и тоа ми се допаѓа.“

 „Оваа година излегува твојот албум. Спомна дека си независна продуцентка и музичарка. Како успеваш да го правиш тоа? Кажи ми повеќе за процесот на создавање музика? Дали почнуваш со текст, па потоа музика, или обратно? Каде ќе го издадеш албумот?

„Процесот на создавање музика е едноставен. Дома, во моето студио, ја земам гитарата, го вклучувам микрофонот и започнувам со снимање. Што треба да се случи, ќе се случи. Истото важи и за текстовите — не ги пишувам однапред. Сè доаѓа во истиот момент кога пеам. Тоа е малку чуден процес, бидејќи луѓето обично запишуваат. Размислуваат за многу работи. Кои акорди да ги користам? Кои акорди или комбинации се во тренд? Кој е убав стих? Но, јас не размислувам за тоа. Едноставно ја следам мојата интуиција и мислам дека тоа е навистина добар начин, ако можеш. За мене тоа е единствениот начин. Го сакам тоа што имам толку многу слобода, ослободена сум од помислата дека мојата музика треба да биде комплексна или трендовска.“

 „Во врска со албумот, имаш ли наслов?“

„Албумот сè уште нема наслов, но има многу песни што ги напишав во последните година или две, а кои сакам да бидат на албумот, бидејќи на некој начин секоја има своја целосна приказна. Но сè уште нема наслов, затоа што мислам дека тоа е голема работа. Како да го насловам? Миа Ѓаконовски? Или некој значаен наслов? Сè уште не знам.“

„Миа, би сакал да те прашам за твоето семејство. Потекнуваш од музичко семејство. Драган Ѓаконовски Шпато е твој дедо. Мартин Ѓаконовски, контрабасистот, е твој татко. Што ти се допаѓа во нивната музика? Што научи од нив? Како тие влијаат на твојот музички развој?“

„Кога патував до Македонија од Германија, околу 30 часа возење со кола, секогаш свиреа големите имиња како Al Jarreau (Ал Жеро) и Chaka Khan (Чака Кан). И тоа многу ми се допаѓаше. Секогаш имаше убава музика каде и да сум.

А за дедо ми, ги сакам неговите аранжмани и навистина сум благодарна што вложил толку многу труд и во вокалниот ансамбл. Јас сакам вокални хармонии и тоа може да го чуете и во мојата музика. Навистина си играм со хармонии — не само во инструменталниот дел, туку и во вокалите — и тој навистина убаво го има направено тоа. Сакам да го слушам. Исто така го сакам македонскиот јазик во музиката и можеби еден ден ќе имам и песна на македонски.“

 „Миа, кои уметници и албуми најмногу влијаеле на твојот сегашен звук? И на кој начин твојата џез-позадина се провлекува во твојата музика?“

„Како мала многу ги слушав Stevie Wonder, George Benson и Chaka Khan, најголемите музичари. Во моите тинејџерски години актуелен беше еден голем бенд, Hiatus Kaiyote, бенд кој целосно ми го промени погледот на музиката. Мислам дека уметниците кои најмногу влијаат на мојата музика сега се Jordan Rakei, Maro и Samora Pinderhughes.

Навистина многу ми се допаѓа Jordan Rakei. Мислам дека тој во моментот е мојот омилен музичар и вокал — огромна инспирација за сè што правам.

Многу ја слушам и Adrianne Lenker, нејзиното влијание може да се слушне во мојата музика, бидејќи ја има таа меланхолија, гитара и многу атмосферски звук. Исто така ја сакам Yebba како вокалистка — таа е една од најголемите, и ќе бидам многу среќна да ја видам во живо во Берлин во септември, за првпат.

За џезот во мојата музика… Бидејќи студирав шест години џез на универзитет, знам колку е комплексна таа музика и го научив тоа, така што секогаш ќе биде дел од сè што правам. Можеби нема да го слушнете директно во мојата музика, но звукот е многу минималистички — секогаш има акорд или прогресија што може да звучи џезерски. Или е малку посложено од песна со три акорди, не знам.

Имам и една песна што ја свирам многу во живо и ќе биде на мојот нов албум — таа е во нестандарден 13/8 такт, и не е само џезовски, туку и малку балкански. Така што балканското влијание е присутно и во мојата идна музика.“

 „Миа, што најмногу те инспирира — луѓето? Настаните? Спомените?“

„Најголема инспирација ми се луѓето — врските и искуствата. Љубовта, животот и сè што носат моите дваесети. Тоа може да го слушнете во моите текстови, бидејќи се многу искрени и директни. Нема метафори — многу е директно. Слушате точно што мислам. Тоа е како мојот дневник, да бидам искрена.“

 

Written by: darkom@jazzfm.mk