На 1 март во Café Literatura се одржа вториот музички настан од циклусот„Читаме џез“ во организација на „Литература.мк“ и радио „Џез ФМ“, посветен на промоција и изведба на џез музиката како составен дел од културата во Скопје.
Членовите на Квартетот „Aquarela“ во состав: Јани Костурски – вокал , Маја Капсарова- вокал и бас-гитара, Ѓоко Грујоски- гитара и Павел Ренџов- тапани, одржаа концерт со џез стандарди од најпопуларниот стил со јужноамериканско потекло- боса новата.
Во грижливо уредениот, озвучен и осветлен простор за камерни музички концертни настани на Café Literatura, квартетот успешно создаде атмосфера во која оживеа музиката на Бразил претставена преку песните за љубов, среќа, тага но и за природата и самбата. Во текот на целиот концерт фронтменот Јани Костурски со нарација ги внесуваше слушателите во приказните од Бразил односно животот во Рио де Жанеиро, со што успеваше да создаде слични замисли на оние што го инспирирале таткото за боса новата – Антонио Карлос Жобим (aka Tom Jobim) и другите јужноамерикански џез музичари да ги напишат композициите вечерва изведувани од Aquarela.
Постапно и лежерно, Костурски ја анимираше публиката од различни генерации, едуцирајќи за јужноамериканската музичка традиција и најпознатите боса нова стандарди:
Dindi e песна напишана за фарма во Бразил која Жобим често ја посетувал со неговиот пријател Винициус Де Мораес. Наредната A Felicidade- песна компонирана за францускиот филм „Black Orpheus” пее за кревкоста на среќата и во контекст на филмот- потрагата на Орфеј по Евридика по нејзината смрт.
Ela e carioca е песна за девојка (кариока) што е бразилски збор кој го означува потеклото од Рио де Жанерио. Triste е песна напишана од Жобим во хотелска соба чекајќи го Френк Синатра да пристигне за да го снимаат заедничкиот албум Francis Albert Sinatra & Antônio Carlos Jobim.
По секој раскажан вовед следеше музичка изведба на боса нова џез стандард, емотивно интерпретиран на португалски јазик со речиси автентична боја и стил од вокалистот Јани Костурски, повремено придружуван од нежниот вокал на Маја Капсарова.
Chega de saudade (No more blues) е првата снимена боса нова песна од бразилската пејачка Елизете Кардосо во 1957 год. Meditation пренесува длабока рефлексија на темите на љубовта и природата. Текстот зборува за нежно, длабоко восхитување од убавината на природниот свет и неговата способност да предизвикува внатрешен спокој како форма на медитација. Во Mas que nada- напишана и снимена во 1963 г. од Хорхе Бен а популаризирана во 1966 год. од Серџо Мендес, се слави радоста на танцувањето на живиот ритам на самбата. Aqua de beber била инспирирана од природен пејсаж на кој присуствувале Том Жобим и Винисиус Де Мораес во 1959 год. додека престојувале во привремената претседателска палата – Катетињо за да напишат симфонија што ќе биде изведена на инаугурацијата на градот Бразилија.
Aquarela do Brasil е напишана во1939 год. од Ари Баросо кога бил спречен да излезе од дома поради поројни врнежи и претставува музичка слика акварел на впечатокот од тој момент. Eu e o meu amor е љубовна песна, израз на тагата на Жобим предизвикана од напуштање на љубената додека Тristeza е песна за збогување со тагата. Кон крајот говорејќи за љубов, Aquarela ја изведоа Garota de Ipanema (Girl from Ipanema), најголемиот хит на Том Жобим од 1962 година. Песната првично била компонирана за бразилска музичка комедија. Falando de amor е уште една љубовна песна-посвета на Жобим за моментот на запознавање со неговата сопруга.
Последна песна на концертот на Aquarela беше инструменталната Song for my father од Horace Silver, која била инспирирана и напишана после патување на композиторот во Бразил. Завршната изведба ги истакна инструменталните изведбени можности на Капсарова, Ренџов и Грујоски и предизвика воодушевување кај публиката која го награди квартетот со силен аплауз и овации.
На вечерашниот концерт квартетот Aquarela успеа да создаде опкружување полно со слушни сензации кои ја транспортираа публиката во време и место географски далечно но емотивно познато и блиско. Публиката пак, имаше ретка можност да ја доживее музиката од Рио и ретка среќа да слуша концерт од единствениот скопски бенд што изведува џез од боса нова стилот.
Судејќи по будното внимание и уживањето на присутните, концертот на квартет Aquarela изобилуваше со атрактивни изведби на песни со универзален карактер.