Настан

Разговор со „маестрото на акустичната гитара” – Антонио Форчоне

today26/05/2025 52 5

Background
share close

Минатата сабота, на 24ти мај, големата сала на Македонската филхармонија беше исполнета со звуци на врвна музичка уметност и творештво. Со почеток од 20 часот и 20 минути, во полна сала, го проследивме концерт на исклучителниот мајстор на акустична гитара Антонио Форчоне.

Форчоне настапи во придружба на тројца музичари: Џени Адеџајан на виолончело, Џенсен Сантана на перкусии и Матеус Нова на акустична бас гитара.

Форчоне, признат низ целиот свет како „маестро на акустичната гитара“, уште еднаш покажа зошто е еден од највпечатливите музичари на денешната сцена. Тој нè поведе на незаборавно патување низ медитеранската романтика, бразилските и африканските ритми, и слободата на современиот џез. Публиката беше сведок на вечер исполнета со импровизации, хумор, топлина и длабоки емоции.

По концертот, имавме ретка и исклучителна можност да разговараме со самиот Форчоне  за музиката, ритамот, уметноста и инспирацијата. Во продолжение Ви го пренесуваме разговорот помеѓу Јасна и Антонио Форчоне.

 

Јасна: Пред сè, Ви благодариме за прекрасниот концерт, за сите тие емоции што ни ги пренесовте преку музиката – толку многу бои исто така.

Антонио Форчоне: Ви благодарам.

Јасна: Имам едно прашање во врска со начинот на кој ја свирите гитарата. Вие сте познат по тоа што ја користите не само мелодиски, туку и ритмички. Како го развивте тој препознатлив, перкусивен стил?

Антонио Форчоне: Па, мојата поврзаност со музиката започна преку ритамот. Веќе на 4–5 годишна возраст удирав по секоја можна површина. Дедо ми и родителите беа очајни – не можев да престанам да правам ритам. Па така, мојот постар брат Франческо ми подари тапани кога имав 10 години. Почнав буквално како тапанар. Тоа беа шест месеци вистинска тортура за кутриот чевлар што живееше под нас. Не можеше повеќе да издржи – зборуваше со татко ми, а татко ми, многу итро и културно, ми купи половна гитара. Ми ја подари. Јас не сакав да свирам гитара – јас сакав тапани. Но, немав избор, бидејќи чевларот веќе размислуваше за самоубиство. Боже! А јас бев многу живо дете, па така ритамот… дури и денес… Погледнете – со мене свират двајца неверојатно ритмични музичари од Баија. Баија, во Бразил, е најафриканскиот дел. Секогаш сум со луѓе што имаат повеќе ритам од мене – затоа што го обожавам ритамот. А мелодијата… нормално, израснат во Италија, не можеш а да не ги впиеш сите тие прекрасни мелодии. Во Италија, мелодијата е бог.

Јасна: Да, секако.

Антонио Форчоне: Верувам дека сум впил доволно од сето тоа. Секој ден учам да бидам подобар. Многу ми е драго што една толку топла публика ја прими нашата порака.

Јасна: Да, и музиката, и тоа што ни го пренесовте – беше вистинска емоција. Ние сме и емотивен народ.

Антонио Форчоне: Го гледам тоа, и многу сум среќен поради тоа. Откако дојдовме овде, само се чувствуваме како дома. Знаете, јас не сум само од Италија, туку од југот на Италија. Од луѓе што се малку потопли. Но тука имавме прекрасен пречек. Навистина сум пресреќен.

Јасна: Ни беше чест што бевте тука. Имам уште едно прашање. Дали постои некоја ваша композиција што Ви носи посебно задоволство кога ја свирите во живо? Или сите ви се подеднакво драги?

Антонио Форчоне: Секоја е посебна на свој начин, но секако, има некои што ме допираат повеќе. На пример, кога ја свирам композицијата посветена на татко ми – тоа е нешто многу лично за мене. Потоа, има уште една – се вика Alhambra, посветена на прекрасниот дворец во Гранада, Шпанија. Бев опседнат со таа убавина – ја посетив пет пати. Еднаш дури и ноќе. Одев и ја цртав.

Јасна: Цртавте?

Антонио Форчоне: Да, студирав уметност, многу сакам да цртам.

Јасна: Навистина?

Антонио Форчоне: Кога компонирам, имам визии. Верувам, или барем се обидувам… Визуелната уметност е поврзана со музиката, а музиката – со визуелната уметност.

Јасна: Сите уметности се поврзани.

Антонио Форчоне: Да, тие се паралелни.

Јасна: Затоа и ги почувствував боите преку вашата музика.

Антонио Форчоне: Тоа многу ме радува. Имав тука и еден многу познат гитарист – како се викаше?

Јасна: Влатко Стефановски?

Антонио Форчоне: Да, дојде и ми рече: „Ти не си гитарист, туку музичар што свири гитара.“ Да, да, да. И навистина така се чувствувам – како уметник. Зашто не свирам гитара за да покажам дека знам да свирам. Јас правам музика. Бог е музика. Јас само ја свирам.

Јасна: И ете, дојдовме до последното прашање. Што сакате да пренесете преку Вашата музика? Отприлика ми објаснивте, но…

Антонио Форчоне: Би сакал да допрам до емоциите на луѓето на еден поширок, подлабок начин. За мене, добар концерт е оној на кој можам да предизвикам некој речиси да заплаче, а потоа и да се насмее од срце. Зашто ние сме составени од многу емоции. Ако успеам да предизвикам што повеќе различни емоции – тогаш тоа е концерт што вреди.

Јасна: И навистина успеавте да го направите тоа. Ви благодарам уште еднаш што одвоивте време за ова наше мало интервју.

Антонио Форчоне: Ви благодарам.

 

Written by: jazz fm

Rate it