Музичкиот состав Joe Pandur organic trio, предводен од хрватскиот гитарист Џо Пандур, ќе одржи концерт на 10 октомври (четврток), со почеток во 21:30 часот, во „Café Literatura“ во „Дајмонд мол“. Пандур, во придружба на Иван Бејков (бас) и Михаил Парушев (тапани), ќе отсвири динамична фанк и бразилска музика, но и нежна боса нова.
Џо Пандур е џез-гитарист и студиски музичар од Загреб, со големо искуство на хрватската џез- сцена. Снимил над 300 композиции и соработувал со најважните имиња од хрватската музичка сцена, од Дино Дворник до Биг-бендот на ХРТ. Интерес за џез развил на 16-годишна возраст, а потоа почнал редовно да настапува во клубовите во Хрватска и Словенија. Завршил џез-академија во Грац и учел гитара од врвни професори. Од 1992 до 2000 година живеел во Лос Анџелес и Торонто, каде што свирел со пијанистот Алан Ситар од Монтреал и трубачот Џејк Вилкинсон.
Со овој концерт, во организација на „Литература.мк“ и радиото „Џез ФМ“, продолжуваме со понудата на квалитетна музичка програма, со што се збогатува ноќниот живот во Скопје.
За присуство на концертот потребна е влезница од 300 денари и резервација на 070/585-021. Билетите се достапни во „Литература.мк“ во Дајмонд мол и преку www.literatura.mk.