0%

Сам во свое друштво со Dorian music ecstasy

Posted By: Jazz FM On:


Мухамед Ибрахими


На првиот фестивал за литература и општа култура во организација на „Литература.мк“- „Видик“, замислен и реализиран како културно патување на Скопјани низ литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, на 31 мај 2024 година во Café Literatura во Дајмонд мол-Скопје, концерт на гитара одржа македонскиот музичар Мухамед Ибрахими, гитарист- изведувач на World music (музика од/на светот) од средната генерација. Мухамед Ибрахими е самоук интерпретатор на гитара и сродни жичани музички инструменти без формално музичко образование и композитор изникнат од семејната музичка традиција кој преку учество во неформални и формални музички активности од раната детска возраст, самостојно се изградил и обликувал во интерпретатор на World music. Музичкото творештво на Ибрахими жанровски припаѓа во World music поради претежно западниот индивидуален третман и обработка на музичкиот материјал кој потекнува од западните и источните (неевропски) музички извори. Атрактивните композиции на Мухамед Ибрахими се сублимат од нему допадливи и одговарачки на карактерот елементи на звукот највеќе поради богатото музичко опкружување кое ги имало сите предуслови за негов контакт со западната и источната музика и нејзините одлики. Бројните посетители на солистичкиот рецитал на Мухамед Ибрахими беа почестени да присуствуваат на ретко квалитетен концерт кога тој сам во свое друштво ги изведуваше музичките дела користени како музичка есенција за продукција на композициите на неговите студиски албуми „Fly“од 2014 и „Devotion“ од 2018 година, снимени и изведувани со придружни музичари-инструменталисти, но и за претставување на 9 нови и музички свежи композиции кои во перспектива треба да ја збогатат и раздвижат музичката сцена преку свои студиски верзии. Едночасовниот солистички концерт на Мухамед Ибрахими беше конципиран како континуиран прв музички сет од 10 гитарски композиции со заедничка тоналност дефинирана преку индивидуализираниот гитарски штим во Дорски модус (Dorian) со сите негови варијанти, и втор тонално различен краток мандолински сет со интимен карактер.

Првата композиција Balkani IM е дводелна интродукција од слободен импровизиран прв дел на мелодиска тема слична на „Учи ме мајко, карај ме“, и спротивставен брз и ритмички подвижен втор дел. Иако насловот алудира на можна употреба на типични балкански музички елементи, мелодиката и ритмиката како и користената хармонска прогресија се современи.

Pranvera (Пролет) во пасторална тоналност (Dorian#) е занесна и возвишена силно ритмизирана синкопирана мелодија, отсвирена со техника да звучи како американска бенџо химна на пролетта.

Елена од студискиот албум Fly (2014) е уште една дводелна форма со елегично расположение во New Orleans second line ритам во првиот и играорно фолклорен во вториот дел, манифестирано преку 9/8 ритам и акцелерација на темпото.

Twilight mindset во релаксирано умерено темпо се вовлекува под кожата на слушателот како дух кој истовремено заплашува и фасцинира со богатата мелодичност базирана на хроматика. Ова музичко расположение исчезнува со звучен fade out.

Interception е музички немирна и емотивно нервозна композиција поради кратките мелодиски фрагменти кои не формираат мелодии. Ова е една од повеќето композиции на Ибрахими во која најтипично е применета техниката на првите повеќегласни средновековни музички форми- бордун и фобордун односно придружување на мелодиското движење со тонски задржан бас.

Следните три композиции имаат особини на претежно хомофони композиции каде движечкиот ритам се одвива како дел од мелодијата. Во нив се истакнува гитарската виртуозност на Ибрахими низ подвижноста, инервацијата и еластичноста на свиречкиот апарат. Користената техника со помош на разни трзалици тука им дава фламенко карактер на композициите.

Muki’s blues е блуз мелодија со мелизми врз rock&roll ритам, повторно на задржан бас како дискретна придружба.

Fiction е хомофона композиција со карактер на виртуозен прелудиум.

Andalusia од албумот Devotion (2018) исто како и Muki’s blues е хибридна музичка творба од латино ритми и џез фјужн синкопирана мелодија.

Heterarchy повторно ја вжешти атмосферата внесувајќи тонален и звучен контраст. Освен прекрасно извиената мелодија на рамноделен ритам, Ибрахими преку оваа композиција го врати востановениот звучен третман на гитарата односно креирањето разнообразни звучни бои со кои таа звучи како трио од гитара, бас и перкусии.

Првиот сет од десет композиции беше заокружен со последната композиција Algebra. Во неа импровизираната мелодија неуморно осцилира околу главните тонови на дорската тоналност и со тоа ја потенцира нејзината доминација на концертот.

Algebra е метро-ритмички слична но хармонски поедноставена верзија на првата композиција од сетот- Balkani IM.

Вториот сет на концертот содржеше две виртуозни композиции отсвирени на мандолина.

Capriccio in M од албумот Devotion (2018) е композиција со призвук на ориентален блуз и карактер на вестерн нумера со џез завршеток.

Eine Kleine Meine Musik е кратка и брза импровизација со наслов инспириран од Eine Kleine Nachtmusik на В.А.Моцарт.

Oвациите и френетичниот аплауз од публиката го вратија Мухамед Ибрахими на двоен бис за да отсвири уште две композиции од кои првата е нова и сè уште неименувана мелизматична мелодија во формирање низ која слушателите добија увид во начинот на кој композиторот ги истражува можностите на своите музички идеи и ги претвора во музичка мисла. Вториот бис беше вечерва најатрактивната Heterarchy од првиот сет. Опишувањето на музиката и музичката изведба на Мухамед Ибрахими претставува сиромашен обид за надокнадување на музички богатото емотивно доживување на неговите концертни изведби, на оние кои не присуствувале.

Музиката на Мухамед Ибрахими поседува егзотична атракција за слушателите и себедоволна гитарска звучност каде секоја композиција е музичко предание на неговата музичка мисла организирана компактно во доволно по траење 4-5 минутно музичко дело. Концертот на Ибрахими во Café Literatura беше музички заводлив и емотивно-филозофски екстатичен музички сет со одлики на високо изградена смисла за звучна естетика во музичките дела и сензитивност кон музичкиот вкус и должината на внимание кај слушателите. Слушајќи ги деветте нови композиции изведени на вечерашниот концерт може да се заклучи дека тие се подготвени за пласман на музичкиот пазар со предлог работен наслов- Dorian music ecstasy.

Д.С.


Play Cover Track Title
Track Authors
EN