0%

Знаење- умешност-творештво (во џез концертот на Џијан џез квинтет)

Posted By: Jazz FM On:


На 8 март 2024 год. се одржа третиот Џез концерт од циклусот „Читаме џез“, во организација на радиото „Џез ФМ“ и книжарницата „Литература МК“ во Дајмонд мол. Членовите на џез квинтетот: Џијан Емин- вокал, мелодика, Гордан Спасовски- пијано, Иван Иванов- тенор саксофон, Кирил Туфекчиевски- контрабас и Виктор Филиповски- ударалки, изведоа џез концерт за паметење чиј концепт и изведба ја унапредија сродноста меѓу музиката и зборот. 

На репертоарот беа 11 композиции од т.н. „Златно доба на џезот“ (1920-1960) од американски автори, период од XX-тиот век во кој џез музиката се популаризирала глобално, а што се должи и на почетоците и подемот на радио-емитувањето како медиум за поширока дистрибуција на музиката. Додека музичарите се подготвуваа за концертот на сцената, а бројната публика трпеливо исчекуваше, сосем спонтано и веројатно непланирано, членовите на квинтетот еден по еден се надоврзуваа со своја изведба на песната „Take Five“  која свиреше од радио како позадински звук пред концертот. Откако ја превземаа воведната тема и ја завршија песната во свој стил, квинтетот започна со џез концертот со планираниот тек. Очекувано за осмомартовски концерт, доминанта тема на музичкиот избор беше љубовта- возвратена и невозвратена, со својот богат спектар расположенија и емоции- радост, тага, копнеж, мечти, сеќавања…. Дел од песните се овековечени во Големата Американска песнарка (Great American songbook)- I’ve got you under my skin (Cole Porter), Bye bye black bird (Henderson/Dixon), Autumn leaves (Cosma), My baby just cares for me (Donaldson/Kahn),  It don’t mean a thing (Duke Elliington), а останатите како што се I love Paris (Cole Porter), Solitude (Duke Ellington),  Bill’s bounce (Charlie Parker) и Nature boy (Ahbez), се востановени како поп и џез стандарди во современата џез литература (Fake book/ Real book итн.). Забележително беше внимателното дозирање на едноставните и комплексните по структура музички содржини кои се слушнаа во Resolution (Love supreme- John Coltrane), и особено во аранжмански најразработената Freedom (Charles Mingus). Единствена композиција која како во патување низ времето нè упати во денешницата за да го опее споменот на борците за социјална правда од периодот и Мартин Лутер Кинг,  беше „1960 what?“ од 2010 год. на Gregory Porter. 

Највпечатливо звучно обележје на овој концерт беше надстандардната изведба на џез стандардите, постигнато преку богатата импровизација и палета од изведувачки техники од страна на сите музичари. Во текот на концертот можеше да се чуе втемеленото знаење и индивидуалната умешност на секој музичар стекната како бекграунд во нивните професионални кариери. Во манифестирањето обогатена и оплеменета звучност на изведуваните композиции предничеше вокалистот на џез квинтетот- Џијан Емин, кој освен пеени и скет (scat) соло делници изведуваше и повеќегласни партии со помош на инструменти за синтетизирање на звукот. Инвентивните пијано делници и солата на Гордан Спасовски ја разбрануваа хармонската подлога на стандардите на непредвиден но изненадувачки добар начин, додека импровизациите на Иван Иванов на саксофон го донесоа златното доба на џезот во живо во Café Literatura. Со разновидна но конзистентна ритмика и повремени кратки соло делници впечатокот на цврстина и органска поврзаност на музичарите од бендот беше потенциран од Кирил Туфекчиевски на контрабас и Виктор Филиповски на тапани и други удиралки.

Во една од песните- Bye bye black bird, како гостин-изведувач на флејта, се појави Стефана Марковиќ, која со леснотија ја изведе нежната лирска мелодија во женски манир.

Од првиот до последниот тон, во текот на 90-минутниот концерт на Џијан џез квинтетот, публиката сведочеше на чинот на создавање џез музика во чест на жената.

Д.С.


Play Cover Track Title
Track Authors
EN