На 12 април 2024 год., во организација на радиото „Џез ФМ“ и книжарницата „Литература МК“ во Дајмонд мол како дел од квалитетните музички настани за ширење на џез-културата во Скопје, во Café Literatura се одржа концерт на триото предводено од џез-вокалистката Марија Димитријевиќ со учество на Филип Димишковски – електрично пијано и Андреа Мирческа – контрабас.
На репертоарот беа дел од најпопуларните џез и поп стандарди- 14 композиции нотирани во збирките American songbook, Real book/Fake book, меѓу кои најзастапени беа оние од 1930-тите години а само неколку од следните декади на XX-тиот век. Периодот познат по плодната музичка дејност во Америка како антитеза на економската криза денес наречена „Големата депресија“, изобилувал со музички и музичко-сценски творби чија изведба во тоа време надокнадувала за тешките економски околности на граѓаните преку збогатување на нивниот емотивен и културен живот.
Вечерва Марија Димитријевиќ отиде подалеку, со својот волуменозен вокал создаде непробоен звучен простор во кој ги распосла како бранови најубавите ведри романтични и љубовни песни. Концертот започна со умерената Misty– дискретна увертира во концертот, по што следеа Corcovado (Quiet Nights of Quiet Stars), Beautiful love, I’ve got you under my skin, сите со текстови кои ја изразуваат прекрасната емотивна состојба на взаемна вљубеност.
Разделбата како дел од романтичната љубов беше опеана во песните All of me и Black Orpheus (A day in the life of a fool). Додека изостануваа чувствата на вистинска љубов во песната посветена на занаетот на љубовта – Love for sale, навираа мелодиски и хармонски бујни делници и пасажи од пластичниот свиречки апарат на Филип Димишковски познат меѓу Скопскиот џез подмладок како исклучително надарен џез пијанист, неформално образуван, речиси автодидакт. Освен што стабилно ја придружуваше Марија во пеачките импровизации, и самиот покажа високо ниво на способност за импровизација на соло делници користејќи неколку тонски бои на електричното пијано.
Соодветно му парираше Андреа Мирческа, младата контрабасистка, една од ретките женски изведувачи на џез преку ритмичките делници- грижливо конструирани и отсвирени со изведувачка зрелост.
Интроспективната Nature boy потсети на враќање кон идеалот на возвратената љубов и продолжи со раздвижените верзии на Fly me to the moon, Bye bye black bird и Night&day. Андреа Мирческа го прикажа скриениот талент за пеење кога самата побара да ја интерпретира Blue moon со желба за споделување на емоциите на песната која неа ја придвижува. Надарена и како џез вокалистка, природно обликуваниот пријатен и топол- sotto voce џез вокал го артикулираше со прецизна интонација и дирекција.
Последните песни Summer time, За нас почнува живот (Драган Ѓаконовски- Шпато) и My funny Valentine ја доведоа публиката до неизбежниот завршеток која заведена од емоции молчешкум го следеше целиот концерт на Марија Димитријевиќ трио со извонредна посветеност.
Во изведбата на сите песни широкиот опсег и алтовската боја на гласот на Димитријевиќ придонесоа за засилување на емоцијата што ја пренесуваат текстописците на песните, а јасната дикција и обликуваниот пеачки вокал ја нагласија нивната содржинска суштина.
Со чиста интонација, прецизни мелодиско-ритмички импровизирани делници, скет партии и други вокализации, вокалната интерпретација на Марија Димитријевиќ вечерва беше инспиративна, што во просторот на Café Literatura создаде пространа звучност со surround ефект од која слушателите не сакаа да се разделат.
Д.С.