0%

Две улици во Скопје

Posted By: Jazz FM On:


Поезија на музика од Џијан Емин со ВИС „Шлиц“


На 19 април 2024 год., во Café Literatura во Дајмонд мол се одржа концерт од циклусот „Читаме џез“ во изведба на вокално-инструменталниот бенд „Шлиц“. Инструменталниот состав од 4 гитари и ударни инструменти кој го сочинуваат: Џијан Емин (вокал, гитара, синтесајзер), Георги Шарески (гитара), Драган Гиновски-Гино (гитара), Дарко Мучев-Мучо (бас-гитара) и Гоце Стевковски (тапани), свиреше модерно музичко толкување на расположенијата од поетските творби со разновидна тематика напишани од Славко Јаневски и Тина Иванова. Доминантната употреба на гитарата асоцираше на песните со придружба на лира и китара (вид лира-претходник на музичкиот инструмент гитара), што се изведувале во Античка Грција, а за кои се дознава од старогрчките митови  во кои се споменуваат Аполон и Орфеј.  

Авторската музика на Џијан Емин наменета за две одделни покрупни музичко-поетски и визуелни сценски дела изведени во 2021 и 2022 година во Скопје, на концертот беше претставена во форма на 13 автономни музички композиции на поетски текстови од Славко Јаневски (1920-2000)- македонски книжевник и автор на првиот роман на стандарден македонски јазик „Село зад седумте јасени“ (1952),. и Тина Иванова (1976)- музиколог, тектописец и автор на книжевни дела. 

„Улица“ (2021) е музичко-сценски перформанс изграден врз истоимена илустрирана стрип приказна на Матеј Богдановски на повеста „Улица“ од Славко Јаневски. Во оваа приказна за растењето и созревањето во Скопје, авторот на музичките композиции- Џијан Емин компонира вокално-инструментални композиции инспирирани од текстовите на поезијата од Славко Јаневски. Вечерва беа изведени композициите- Две приказни (од Песни-1944-1948), Автара-Бавтара (Црни и жолти- 1967), Итар Пејо за еден друг (Евангелие по Итар Пејо-1966), И сиот Балкан е тоа…, Паганија (8 лути стареци) и Ти си само плашлив зајак.

  „Диши љубов“ (2022) е љубовен музичко-поетски перформанс на Тина Иванова- текстописец и Џијан Емин- композитор, кој ја претставува приказната на двајца млади вљубени во Скопје низ поимите воздух и љубов како две суштински потреби без кои човекот не би можел да опстои. На вечерашниот концерт Емин и „Шлиц“ ги отсвиреа композициите- Љубов граблива, Господин смрт, Дај ми да дишам, Скопје, Милост, Мајка, и Диши Издиши.

Наизменичното свирење на песна/и од едниот па од другиот проект со почетна и завршна песна од Славко Јаневски, кај слушателите создаде претстава за вкрстување на двете поетски тематики односно авторски сензибилитети. Додека песните од Јаневски нижат стихови со детски и младешки впечатоци, честопати со сатиричен и хумористичен карактер но и песни со тмурни и тегобни расположенија, во љубовните стихови на Иванова доминираат елегични расположенија и спротивставени чувства кои се преведени во зборови не баш суптилни и сензитивни за слушателот. Авторот на музиката – Емин, со двата поетски идентитети се однесувал со почит и внимание така што при компонирањето го скротил индивидуалниот порив за самоизразување присутен при џез изедбите и го култивирал во дискретен автономен џез рок музички јазик, културен придружник и засилувач на поетскиот израз. Во песните на Тина Иванова, музичките композиции ја поддржуваат или засилуваат емоцијата на авторката највеќе преку класична хармонска придружба, додека во песните на Славко Јаневски, музичките делници може да се свират и самостојно, тие се живи и мелодиски и ритмички, слично на неговата поезија. Елементите на џез музиката во музичко-поетските дела се јавуваат главно поединечно и дозирано и тоа како: напеви во модус, џез хармонизирање, едноставни џез прогресии, кратки импровизирани соло делници на делови од темата или синкопирани ритми. 

Почетната песна Две приказни од Јаневски е прекрасна и мелодична медитација од детството- композиција изградена на Cmaj7 за мечтаење на слушателот. Во Љубов граблива и Господин смрт на Иванова расположенијата музички се илустрираат преку измена на major и minor акордски хармонии. Тука се јавува првото кратко импровизирано соло на гитара. Автара-Бавтара со наслов и карактер на детска ритмичка бројалка со синкопирани мотиви во фригиски модус и динамична ритмичка подлога раскажа детска поучна приказна за постапките на главарите, лозарите, козарите и краварите и последиците од нив. Следниот блок песни Дај ми да дишам и Скопје како и Милост се музички балади со елегични текстови од Иванова со ист триделен ритам и молска тоналност што им дава прогонувачка убавина. Нив ги надополнува Итар Пејо за еден друг од Јаневски, песна епитаф во ист тоналитет како Скопје и Милост, но со побрз и танцувачки твист ритам користен во 60-тите години на XX век кој ја разведрува тмурноста на текстот. И сиот Балкан е тоа… од Славко Јаневски е тмурна песна која звучи тесно, стиснато и статично. И покрај хумористичниот текст на Паганија, музиката има дури иритирачки ефект, што во компонирањето на обете песни е постигнато со малиот опсег на користени соседни тонови и нивното хроматско движење. Мајка од Тина Иванова е тажаленка во која се опишува загубата, тука музиката е целосно во служба на текстот. Двете последни песни на вечерашниот концерт се изведоа наизменично: последна од песните со текст на Тина Иванова беше Диши издиши,во чија кода се цитираше напев од химната на САД. 

Последна од песните на текстови од Славко Јаневски беше Ти си само плашлив зајак, потенцијален евровизиски хит со темпераментен ритам и хумористичен текст. Во кодата од оваа песна „Шлиц“ ја евоцираа инструменталната тема од перуанското музичко-сценско дело Кондоров лет (El condor pasa).

На почетокот најавен како музички концерт на нељубовни и љубовни песни од музичко-сценските дела Улица и Диши љубов, впечатокот од слушањето на песните за кои Џијан Емин компонирал авторската музика е дека музиката може да ја разоткрие вистинската емотивна состојба на поетот во творечкиот занес и поради тоа вечерва некои од нељубовните песни станаа љубовни, и обратно.

 

Д.С.


Play Cover Track Title
Track Authors
EN