На 15 март 2024 год., како дел од циклусот концерти „Читаме џез“, чија мисија е организација на најквалитетните музички настани со врвни музички уметници како и поддршка на џез културата преку промоција на млади џез музичари и нивното музичко творештво, во организација на радиото „Џез ФМ“ и книжарницата „Литература МК“ во Дајмонд мол, се одржа четвртиот џез концерт на џез дуото: Филип Динев- гитара и Кирил Туфекчиевски- контрабас.
Седумте изведени композиции на сродните по боја жичани музички инструменти гитара и контрабас од двата издадени албуми Szvetlo- 2020 и Romann-2024, од кои дел се авторски композиции на Динев (Minor bell, Balkan blues, Last dance и Morgenland), а дел авторски аранжмани на познати поп песни и филмски теми (Exit music- Radiohead, Blackbird- Beatles, Tema D’Amore- Cinema Paradiso), ни го претставија музичкиот потенцијал, како и композиторската и изведбената вештина која младиот Филип Динев ја стекнал низ годините на образование на ФМУ- Штип, Унгарија и Германија. Иако изведени со намален звучен капацитет во однос на истите композиции од албумите, акустичните верзии на песните во Café Literatura звучеа мелодично, посебно во носечките теми кои му се силна страна на Филип Динев. Мелодичните теми на гитарата беа развиени, надополнети и обработени од „професорот“ Кирил Туфекчиевски, кого Динев неколкупати го претстави пред публиката. Со внимание и посветеност на вистински вонреден професор на ФМУ Скопје, Туфекчиевски со својот контрабас на Динев му овозможи солидна поддршка во вид на ритмичка стабилност на изведбите, а преку контрапунктски оформените делници обајцата манифестираа комплементарност во музицирањето. Ограниченоста на контрабасот како мелодиски инструмент поради длабокиот опсег на тонови кои ги свири беше надмината со моќната емотивна изведба на „Exit music“, во која Кирил Туфекчиевски ја покажа сета своја изведувачка способност. После одржаниот концерт на 10 жици по кои се свиреше со прсти, трзалка и гудало од страна на младиот Филип Динев и искусниот Кирил Туфекчиевски, се добива впечаток за она што претстои а тоа е:- трасирање на професионалниот музички пат на Динев, ослободен од влијанијата на своите музички примери, и во перспектива дефинирање на авторската индивидуалност преку наоѓање на својот оригинален музички стил.
Д.С.