0%

Супермоќите на импровизацијата

Posted By: Jazz FM On:


Џијан Емин и Георги Шарески трио


На 22 март 2024 год., како дел од организацијата на најквалитетните музички настани со врвни музички уметници од страна на радиото „Џез ФМ“ и книжарницата „Литература МК“, во Café Literatura во Дајмонд мол се одржа петтиот џез концерт од циклусот „Читаме џез“. Членовите на џез триото: Георги Шарески- гитара, Александар Петров- тапани и Оливер Јосифовски- бас во соработка со Џијан Емин на клавијатури и мелодика изведоа џез концерт во два дела од по 50 минути главно со авторска музика на Шарески. Концертот може да се оквалификува како групно соло музицирање поради третманот на импровизацијата во отсвирената џез музика.

Во кратките моменти на затишје помеѓу композициите, лидерот Шарески ги потенцираше блиските професионални, приватни и пријателски врски меѓу нив и со посебно професионално уважување ги претставуваше поединечно своите соизведувачи, со што стана јасно речиси идеалното совпаѓање и меѓусебно разбирање со музичкиот јазик за време на концертот.

Во првиот дел, според Шарески, се свиреше авангарден џез кој на публиката не секогаш ѝ е пријатен за слушање. Првата композиција со слободна структура на фантазија- „Giollero“, делуваше како широк вовед во импровизираната џез музика, со лежерна тема од скалични паралелни акорди која ги внесе слушателите во расположение за следење на концертот. Преку постапно подигање на будноста со помош на варирање на темпата и разновидните мелодиски и ритмички импровизации во „I might have super powers“ (Myau Myau, 2007) и „Zlust“ (SoHoHo, 2006), мелодичноста и тоналноста на почетните теми исчезнуваше во атонални импровизации, а на крајот од секоја композиција се јавуваа повторно давајќи ѝ заокруженост на музичката форма. Особено во 15-минутната изведба на „I might have super powers“ блеснаа импровизираните делници на Шарески и Емин во кои се слушнаа мотиви и делови изградени од елементи на пентатонски, полустепени, целостепени па дури и серијални тонски низи засилени со звучни ефекти. Подеднакво раскошни ритмички импровизации изведуваа Петров на тапани и Јосифовски на електричен бас, додавајќи сопствен музички печат кон групниот звучен идентитет. Првиот дел во кој се свиреa импровизирани џез сола наизменично, но и истовремено, заврши со смирувачкиот блуз „Love song 2“(The Skopje Connection meets Ernst Reijseger,2011), композиција со богата мелодичност на репетитивната гитарска тема со која бендот ја врати широко прифатената тоналност меѓу слушателите.          

На вториот дел од џез концертот се свиреа разиграни композиции познати на присутните во Café Literatura. Сетот започна со песната напишана од легендарниот Драган Ѓаконовски- Шпато- „Дали ќе дојде на Рандеву“од 1963 год.- шлагер со романтичен текст кој вечерва го отпеа Георги Шарески по што тој, Емин, Јосифовски и Петров импровизираа мелодиски богати сола со кои додадоа квалитет на песната. Афирмативно дочеканиот „хитовски“ сет продолжи со бавното интро на понатаму разновидно ритмизираната „Бранко Бранко Бранко“ (The Skopje Connection meets Ernst Reijseger, 2011) на тема со корен во унгарскиот чардаш или можеби српското коло со широко разработени импровизации, слично на песните од првиот сет.  Хитот на вечерта – „Београд“ (SoHoHo, 2006) кој ја подигна публиката на нозе и внесе полетна свежина е џез фанк композиција напишана од Шарески. Преку ентузијазмот на музичката изведба се доби звучна слика за младешката ведрина на 23- годишниот композитор и аранжер од школата на Беркли колеџот во САД, по што започнува неговата професионална кариера на џез гитарист и композитор со често учество на Џијан Емин и Оливер Јосифовски како музичари на студиските албуми и бендовските концерти. 

Последна композицијата во вториот дел, најавена од Шарески со длабока почит кон авторот беше „Give me the 9“ напишана од тапанарот Александар Петров кој заедно со Оливер Јосифовски е член на Георги Шарески трио а живее во Обединетите Арапски Емирати. Во рамка од мелодиска тема во фригиски модус што ѝ дава ориентален призвук, композицијата се разви во предимствено ритмичка импровизација на Петров и Јосифовски кои цела вечер беа во слеана врска со музичкиот инструмент како тој да е дел од нивната личност, одраз на нивниот темперамент и симбол на високиот музикалитет, поради што концертот кулминираше со ефектен завршеток.   

Импровизираната џез музика како вештина на музицирање всушност е компонирање. Таа не се применува во другите музички жанри кои се потпираат на стриктно испишани партитури. Импровизираната соло делница е музички израз на џез-музичарот а нејзиниот квалитет и развој се производ на долгогодишно изучување и практикување џез но и други типови музика. Без разлика на времето од кое потекнува извесен музички напев или композиција, преку музички изведби на импровизиран џез се постигнува секогаш различна верзија на делото со што тоа добива нов живот во сегашноста. На вечерашниот концерт со помош од музичарите на Георги Шарески трио и Џијан Емин композициите добија своја верзија од повисок ранг.  

 

Д.С.


Play Cover Track Title
Track Authors
MK