На 5 април 2024 год. се одржа редовниот петочен џез концерт во Café Literatura во Дајмонд мол, како дел од серијата музички настани со врвни музички уметници во организација на селекторот Џијан Емин, радиото „Џез ФМ“ и книжарницата „Литература МК“. Овој петок слушателите имаа чест да присуствуваат на осмислен музички настан насочен кон подигање на свесноста за огромниот музички капацитет присутен на македонската џез сцена, кој истовремено испрати порака за потреба од нови креативни здружувања односно создавање музички дела и до авторот на изведуваните композиции- тапанарот Гоце Стевковски. Видно задоволен од присуството во Café Literatura, Гоце Стевковски со радост ја најави џез соработката со Филип Динев-гитара, Дарко Мучев- бас гитара, Кирил Кузманов- саксофон и Џијан Емин-синтесајзер како Богданци проект бенд, а за соработката рече дека е неодамнешно респлотување во џез музицирањето со драгите другари и колеги.
На концертот во Café Literatura беа изведени 10 џез композиции од двата авторски џез албуми на Гоце Стевковски и тоа:- 5 композиции од албумот 7 stories од 2013 година и 5 композиции од албумот Homage to a dreamer од 2018 година, студиски изведени и снимени со формацијата Гоце Стевковски септет. Обемноста на музичкиот материјал го предодреди и текот на концертот, отсвирени беа два сета со вкупно траење од 2 часа. Првиот сет започна со првата композицијата од првиот албум на Стевковски- Seven stories (7 stories, 2013), интерлудиум во кој низ изведба и импровизации на тема која звучи како вовед во незавршена приказна, квинтетот музички се вмрежуваше на едноставна хармонска структура. По интрото на Динев од музички фрагменти Кузманов ја донесе и широко ја разви интригантната тема на Seven rivers- свинг композиција со потенцијал за филмски саундтрак. Иако во студиската верзија на двата албуми на Гоце Стевковски септет учествуваат по 4 музичари-изведувачи на дувачки инструменти меѓу кои и Кирил Кузманов, во вечерашната изведба не се забележа недостаток на звучност или оскудност на мелодиските делници, напротив- изведбите на саксофонистот Кирил Кузманов изобилуваа со музички смели, богати и разработени делници во солата кои непрестано циркулираа низ просторот. Динамичен ритмички грув и латино прогресија се слушна во Seven days (7 stories, 2013), композиција во триделен ритам на тема која звучи возбудено и понатаму се довозбудува низ импровизациите на сите музичари. Во ова колективно испреплетено џез импровизирање статус на истражувач на најоддалечените музички предели може да му се припише на Џијан Емин кој вечерва неуморно ги истражи сите можности на музичките креации на Стевковски. Seven dwarfs (7 stories, 2013) беше музички најсликовита композиција која освен со насловот алудираше на подрипнувањата на седумте џуџиња низ мелодиско-ритмичките обрасци на воведот и двете карактеристични и имагинативни теми со значење на лајтмотиви. Последната композиција од првиот сет- Џез фанкот Seven wonders (7 stories, 2013) на силна ритмичка основа од Стевковски и Мучев, внесе фри џез преку фрагментираните мелодски мотиви и отсуството на хармонска структура. Современ џез беше логичен заклучок на првиот сет во кој низ песните од првиот албум 7 stories се слушна еволуцијата на музичките идеи на џез композиторот и тапанар Гоце Стевковски.
Во вториот сет со композиции од албумот Homage to a dreamer од 2018 година, со брзо и акцентирано интро од ритам секцијата доминираа мелодичарите Филип Динев и Кирил Кузманов раздвижувајќи ја публиката со музикалните танцувачки синкопи во освежената денс химна Monday (Homage to a dreamer, 2018). Следеше Not being there (Homage to a dreamer, 2018)- интроспективна балада со медитативен карактер. На неа се надоврза Life (Homage to a dreamer, 2018), уште една современа композиција со алузии на импресионистичките хармонски структури. Being there (Homage to a dreamer, 2018) како антипесна на Not being there го истакна сензибилитетот на авторот и склоноста кон убави певни и евокативни теми во бавните композиции. Последна композиција на концертот беше Train station (Homage to a dreamer, 2018) во 7/8 метар, брза и енергична brain storming музичка сесија врз пулсирачки бас од трајно фасцинираниот Дарко Мучев и лидерот Гоце Стевковски. Композицијата не заврши, последните тактови зазвучеа како да се прекинати, по што остана чувството дека Стевковски ментално се движи а можеби и работи на својот трет авторски џез албум, што би било на општо задоволство.
Д.С.